Вардарки како брз воз низ Лајпциг: Највисока победа за крај на групната фаза!

Последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Шампионите, Вардар го одигра на гостински терен во Германија. Нивниот противник Лајпциг поради повреди настапи без клучните ракометарки Кудлач и Миневскаја, додека во составот на Вардар ја немаше Алтахус. Разликата во квалитетот беше евидентна на овој натпревар па така Вардар го демолираше својот противник и славеше со високи 45-22.

damnjanovic

Македонскиот шампион бавно го стартуваше натпреварот и му дозволи на домаќинот да дојде до водство 4-2 во првите 10тина минути од дуелот. Сепак вардарки брзо ја вратија контролата и на средина на првиот дел се стекнаа со предност од 8-5. Пропуштената шанса за намалување на предноста, Вардар ја искористи во 21та минута и дојде до високи 14-8 благодарение на третиот погодок на Камила Херем. Во минутите кои следуваа Лајпциг застана на 8 погодоци, а Вардар со серијата 5-0 дојде до највисоката предност од 17-8. Конечно на 5 минути до крајот на првиот дел Роде постигна погодок за Лајпциг, но нејзината екипа тука застана и го заврши првиот дел со огромна негатива 22-9.

herrem

Најрасположената во таборот на Лајпциг на првиот натпревар во Скопје – Хубингер го отвори вториот дел, но македонскиот шампион постигна 3 погодоци за 26-10 по само три минути игра во вториот дел. Ослабениот состав на Лајпциг продолжи со очајната игра, а тоа значеше предност од 18 погодоци за Вардар на средината на вториот дел. До крајот на натпреварот ништо не се промени и Вардарки ја забележаа највисоката победа со конечен резултат 45-22.

Најрасположена за игра во составот на вардарки беше Лакрбер со 10 погодоци, додека во таборот на поразената екипа Рајмер и Вајсе постигнаа 5.

Со денешната победа Вардар ја заврши групната фаза со одличен учинок од пет победи и само еден нерешен резултат со што македонскиот шампион ќе пренесе седум бодови во главната фаза во Лигата на Шампионите. За Лајпциг пак овој натпревар беше последен бидејќи екипата заврши на последната позиција и е елиминирана од понатамошниот дел од најелитното натпреварување.