Вардарки без Саздовска, но со Кузњецова против ФТЦ Раил Карго

На првата средба од новата сезона во Лигата на шампионите против ФТЦ Раил Карго, женската екипа на Вардар ќе има проблеми на позицијата лево крило поради тоа што Јована Саздовска доби повреда на средбата меѓу репрезентациите на Македонија и на Србија. Таа има повреда на зглобот која ја извади од составот на кој Дибирова ќе смета за првиот меч сезонава.

Добрата вест за Вардар е тоа што Полина Кузњецова се враќа во тимот после повредата, па ќе има барем една ракометарка која што настапува на позицијата лево крило и ќе биде подготвена за настап. Таа веќе има одиграно еден тренинг натпревар и малку недостига за да биде на 100 проценти од можностите така што ќе може да го даде својот придонес в петок.

„Имавме доста повредени играчи, но сега сè е во ред. Точно знаеме со кое лево крило ќе настапиме на првиот дуел од Лигата на шампионите“, изјави тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.

Што се однесува до Саздовска, нејзината повреда е од таква природа што ќе биде неизвесна до последен момент. Отокот е намален, но уште има болки така што доколку се чувствува подобро би можела да се најде барем на клупата. Сепак, поголема е веројатноста да биде подготвена за вториот меч од ЛШ против Турингер на 15 октомври.