Валенсија донесе мали измени во европскиот ракомет: Згаснува Купот на Победници на Купови (КПК)

Единаесет членови на извршниот комитет на ЕХФ, предводени од Генералниот секретар Михаел Видерер, на состанокот во Валенсија ја донесоа новата иднина на европскиот ракомет. Меѓу позначајните заклучоци се промените во натпреварувачкиот систем на Лигата на шампиони кои веќе беа презентирани на собирот во декември. Новина е проценката за тоа кои екипи ќе учествуваат, а која пред се ќе ги оценува основните елементи како арена, ТВ маркет, квалитет на екипата и број на посетители. Сите клубови ќе минат низ три филтри, а конечната одлука ќе ја донесе извршниот комитет на ЕХФ во јуни 2015.
Половина милион евра ќе бидат доделени на победникот на Фајнл Фор турнирот во Лигата на шампионите, додека останатите 500 000 евра ќе бидат поделени меѓу учесниците на Фајнл Фор турнирот.
Покрај финансискиот надомест усвоени се новите правила во Лигата на шампионите и шампионките. Бранителот на титулата автоматски обезбедува учество во следната сезона од елитното натпреварување. Според новите правила од сезоната 2015/2016 сите домаќини ќе мораат да обезбедат дополнителен резервен гол.
Во една од последните точки одлучено е од сезоната 2016/2017 женскиот ЕХФ Куп да се соедини со Купот на куп победници.
Правилото за натурализирање на странски ракометари сеуште ќе биде во функција до наредниот конгрес на ЕХФ. Предлог- амандманот со кој се почитуваше правилникот на ИХФ кој ќе наложи ракометарите кои одиграле официјален натпревар за една земја по навршување на 22 години да немаат право да се натпреваруваат за друга репрезентација, по долготрајната расправа за неколку гласови не беше изгласано.