Бутел не беше импресивен, но ја победи Струга

По гостинската победа над Вардар Неготино, ракометарите на Бутел Скопје ја продолжија победничката серија, со триумфот над Струга на домашен терен со 21:17. Од суперлигашкиот состав на Бутел Скопје се очекува да победува убедливо на сите дуели, сепак тоа нема да биде така, барем на стартот на сезоната.

Пулените на Игор Котевски победоа на стартот со 4:0 и помислија дека нема да имаат проблеми во текот на натпреварот. Имаа и плус 8 на два пати во вториот дел, но мотивираните гости, полека ја топеа предноста на домашните и натпреварот во финишот стана неизвесен.

Ракометарите на Бутел почнаа да играа индивидуално, грешеа во додавањата, оставаа премногу простор во одбраната за одличниот Тодор Јанкулоски, но сепак се чини дека искуството на поединци пресуди победата и бодовите да останат дома. Конечниот резултат беше 21:17.

Во победничкиот тим се истакна десното крило Бојан Николовски со 6 голови, Томче Стојановски даде 4, додека искусниот Горан Печенковски имаше 3 голови, но и неколку одлични асистенции. За Струга не играше искусниот Белевски, па Јанкулоски со 6 и Кузманоски со 4 беа најдобри поединци.