Бутел го задржува костурот, Младеновски потпиша нов договор

Левиот бек Јовица Младеновски по успешно одработената прeтходна сезона, се обврза на нова верност кон Бутел Скопје. Искусниот шутер, кој настапуваше и за Пролет, Металург, Струмица, Макаби Ришон и Охрид, потпиша нов договор на една година со амбициозниот суперлигаш и се надева на успешни настапи во Суперлигата и во Купот на ЕХФ.

„Ја продолживме соработката со Бутел Скопје на уште една година. Минатата сезона остваривме добар резултат и завршивме како четвртопласирани што ни овозможи настап во ЕХФ купот. Се надевам дека и оваа сезона најмалку ќе го повториме успехот од минатата сезона, а доколку ни се укаже шанса, да одиме и место погоре. Што се однесува до настапот во ЕХФ Купот, верувам дека ќе дадеме се од себе да го претставиме Бутел во што подобро светло во дебитантскиот настап на европска сцена“, вели Младеновски.

Досега Бутел го засилија Давор Шокоски и Златко Даскалоски, а Младеновски го продолжи договорот. Во следните се очекува и продолжување на соработката со другите носители на играта од минатата сезона.