Бутел го доби прволигашкото дерби кај Металург Јуниор

Третото коло од машката прва лига го донесе првиот дуел кој ќе одлучува за пласман во Суперлигата. Во спортската сала Расадник се сретнаа домаќинот Металург Јуниор и Бутел од Скопје. По интересни шеесет минути и беспоштедна борба во која свои минути имаа двете екипи поуспешен излезе гостинскиот тим кој го совлада Металург Јуниор со 20-22.

Гостите по четири минути игра први го отворија резултатот, но Јуниор веднаш возврати и најави возбудлив дуел. Бутел ја одржуваше котролата над резултатот, се до првата половина на полувремето кога во груб дуел еден од најдобрите ракометари на домаќините мораше да го напушти теренот со скршеница на носот. По кратката пауза Металург Јуниор за прв пат искористи два напади во низа и го превзема водството за 5-4. Тоа беше причина за тајм аут на клупата на Бутел по кој гостинските ракометари повторно го пронајдоа своето темпо и веќе во 23. минута дојдоа до предност од 6-8. Но избраниците на Весиќ не се предадоа напротив со одличен финиш комплетно доминираа на теренот и низата од 4 голови по првите триесет минути ја претвори во предност од 11-9.

На почетокот на второто полувреме Бутел успеа да врзе два погодока во низа, но израмнувањето кратко траеше бидејќи домаќините со нова серија од три голови го врати највисокото водство на овој дуел (14-11 39′). Наместо мирен финиш на домашниот состав, избраниците на Игор Котевски во пет минути возвратија со низа од 5 голови и на средина на вториот дел имаа предност од 14-16. Бутел ја врати конторлата над играта и резултатот, а по погодокот на Металург Јуниор следуваа два нови на гостинските ракометари.

Во последните десет минути Бутел влезе со предност од три голови разлика, а Металург Јуниор не можеше да им парира на расположените гостински ракометари без повредениот Петковски, па разликата на три минути до крајот се зголеми за уште еден гол (17-21 57′). Кога веќе беше познат победникот на овој дуел во последната минута Метлаург Јуниор со два гола во низа ја преполови разликата. Атративната завршница на голманот Блажевски кој се одлучи да го напушти својот гол и со пируета да ја осигура победата на својот тим, веднаш доби своја казна, па на крајот ракометарите на Бутел славеа победа од 20-22.

Николовски беше најпрецизен во составот на Бутел со 10 голови, а добрата игра Маркудов ја одбележа и со 5 зад своето име. Кај Металург Јуниор, Новаковиќ постигна 10 голови. Бутел останува на првата позиција во првата машка лига на Македонија сега со три бодови повеќе од Металург Јуниор кој својата шанса ќе ја бара во наредното коло против Вардар Делчево. Првите две екипи од машката прва лига ќе имаат шанси да се борат за место во македонската Суперлига.

ФОТО:Александар Пандиловски