Бундес лига: Фленсбург го продолжи максималниот учинок, се вжештува и борбата за опстанок

Во рамките на 14. коло од Бундес лигата се одиграа седум средби. Викендов се играат преостанатите два, а на сега завршените дуели, победи однесоа сите фаворити. Првопласираниот Фленсбург ја забележа и својата четиринаесетта победа во низа.

Фленсбург лесно се справи со противникот и славеше убедливо против Гумерсбах со 33:23. Магнус Јондал беше најубедлив во победата и погоди 12 пати, додека на другата страна седум голови беа дело на Иван Мартиновиќ. И Магдебург упорно го држи својот чекор со Фленсбург.

Второпласираниот тим на табелата беше поуспешен на гости од Битигхајм и славеше со 33:29. Најдобриот стрелец во лигата, Матијас Муше одново беше најкорисен и погоди десетпати. Кај Битигхајм, Патрик Рентшлер постигна седум голови.