Будуќност пред промоција на фајнл-фор: Црногорките го совладаа Виборг на негов терен!

Во последниот натпревар од четвртфиналните натпревари во ЕХФ Лигата на шампионите во женска конлуренција, екипата на Будуќност го совлада Виборг на гостински терен со 22-28 и се наоѓа пред промоција на Фајнл-фор турнирот во Будимпешта.

ЧЕТВРТФИНАЛЕ (ПРВ НАТПРЕВАР)

ВИБОРГ-БУДУЌНОСТ 22-28 (11-13)

Почетокот на натпреварот им припадна на одбраните на двете екипи. Виборг преку Сков го отвори резултатот, а Будуќност чекаше цели пет минути пред Павичевиќ да израмни на 1-1. Резултатската неизвесност беше присутна до средината на првиот дел кога најрасположената ракометарка кај Виборг, Сков со својот трет погодок израмни на 5-5. Следуваше период во кој Будуќност започна да ја презентира цврстата одбрана која ја карактеризира оваа екипа во текот на целата сезона. Цели шест минути ракометарките на Виборг не успеаа да го видат противничкиот гол, а Будуќност го искористи тој период правејки серија од 5-0 за +5, (5-10) на десетина минути до крајот на првиот дел. Црногорките продолжија во исто темпо, а Радмила Петровиќ со својот прв погодок го доведе највисокото водство од 7-13 во 25-та минута. Во последните четири минути од првиот дел Будуќност влезе со две ракометарки помалку по исклучувањата на Мехмедовиќ и Неагу, момент кој Виборг го искористи на најдобар можен начин и успеа на полувреме да замине со пристојни два гола негатива 11-13.

Viborg-bud post

Виборг со двата гола во низа на Сков, успешно го отвори второто полувреме израмнувајки на 13-13 по четири минути игра.Меѓутоа во наредниот период во составот на Будуќност се разигра Милена Кнежевиќ која беше предводник на нова серија од 4-0, по која гостинките се вратија во позитива од солидни +4, 14-18 во 40. минута. Виборг во текот на целиот натпревар ја бараше својата игра, но против гранитната одбрана на Будуќност тешко излагаше на крај. Сепак во втората половина на второто полувреме данскиот состав собра сили и со првиот погодок на Сања Дамјановиќ најпрво израмни на 19-19, а извонредната Сков со својот седми гол го доведе Виборг во водство од 21-20 во 48.минута, по водството кое го имаше на стартот на натпреварот. Но Будуќност во последната делница од натпреварот покажа зошто е еден од главните фаворити за титулата во овогодинешната сезона. Крајот на натпреварот и припадна на Кристина Неагу која со головите од далечина беше една од главните виновници за нова 6-0 серија на црногорките за 21-26 со која практично беше решен победникот на овој дуел, а се чини и патникот на фајнл-фор турнирот во Будимпешта. Сков со својот осми погодок намали на 22-26 и се промовираше во најдобар стрелец, а точка на натпреварот со два погодока ставија Неагу и Булатовиќ за конечни 22-28 во корист на црногорскиот состав.

Катарина Булатовиќ со седум гола, и Неагу и Цвијиќ кои постигнаа по шест беа најпрецизно во победничкиот состав. Кај екипата на Виборг а воедно и најпрецизна на натпреварот беше Сков со осум погодоци.

Реванш натпреварот помеѓу овие две екипи се игра на 12.4.2015 (недела), во Подгорица со почеток во 17 часот.