Будуќност поразен од ЦСМ Букурешт

На завршницата од ракометниот турнир “Букурешт трофеј 2014” се сретнаа ЖРК Будуќност и домаќинот ЦСМ Букурешт. Во рамноправен натпревар,романската екипата предводена од Јакоб Вестергард во завршните минути од натпреварот ја направи клучната разлика и заслужено победи со резултат 24:20 (12-12). Од 56 минута па се до крајот, ракометарките на Букурешт постигнаа четири голови во серија, благодарение на грешките на црногорскиот шампион, како и одличната Мајса Песоа која блескаше на голот. Во екипата на ЦСМ Букурешт незапирлива беше Ана Паула Родригез која постигна девет голови, додека шведската репрезентативка Линеа Торстенсон успеа седум пати да се запише во листата на стрелци. Кај Будуќност Драгана Цвијиќ беше најефикасна со седум постигнати голови.

Во натпреварот за третото место се судрија двете руски екипи, Астраханочка и Ростов Дон. Како третопласирани од Букурешт си заминаа ракометарките на Астраханочка кои по изведувањето на пенали беа поуспешни од Ростов Дон со 32:31 (27-27, 10-13). Петтото место го освои германската екипа Битингхајм која триумфираше  против турската екипа Муратпаша со резултат 30:29 ( 16-14).