БУДУЌНОСТ ПОДОБАР ОД САВЕХОФ ЗА ПРВА ПОБЕДА НА ТУРНИРОТ „ВАРДАР“

Вториот ден од турнирот „Вардар“ го отворија екипите на Будуќност и Савехоф. По вчерашниот пораз од Ростов Дон, шампионот на Европа демонстрираше далеку поквалитетен ракомет совладувајки го шведскиот шампион Савехоф со резултат 22-25(10-13). Блескаше младата Ѓурѓина Јауковиќ која постигна осум погодоци и несомнено во иднина ќе претставува една од главните ракометарки на црногорскиот тим.

Будуќност одлично го отвори натпреварот и веќе во 8.минута имаше водство од 2-4. Црногорскиот состав несомнено добива нов ракометен бисер во името на Ѓурѓина Јауковиќ која исто како и на вчерашниот натпревар одлично ја искористи пружената шанса и со три гола во почетните осум минути беше најзаслужна за раното водство на својата екипа. На спротивната страна одговорот стигна од Ериксон (5 гола во првиот дел) која со три гола по ред го врати тимот на Савехоф во водство во 5-4 во 12.минута. Добрата игра на швеѓанките продолжи и во наредните три минути кога со голот на Јенсен стигнаа до највисоките +3, 8-5. Меѓутоа Будуќност и покрај тоа што настапува без своите две најдобри ракометарки Булатовиќ и Неагу, најде сили да се врати во игра и со двата гола на Кнежевиќ и еден на Лазовиќ најпрво израмни на 8-8, а младата Јауковиќ со својот четврти гол го врати црногорскиот тим во водство 8-9, во 22 минута. Во последните пет минути ракометарките на Драган Аџиќ успеаа да го зголемат своето водство и на полувреме заминаа со резултат 10-13.

TURNIR VAR Savehof-Buducnost-6883

Будуќност со серија од 4-0 го отвори вториот дел поведувајки со 10-17, со што практично беше решен победникот на овој натпревар. Подгоричанките до 55.минута успешно ја одржуваа високата позитива, а ракометарките на Савехоф се заканија во последните пет минути кога успеаа да се доближат на -2, 20-22. Сепак Будуќност не дозволи комплетно враќање на противникот и повторно се одлепи на сигурни 21-25. Последниот гол на натпреварот го постигна Лунд за конечни 22-25.

Ѓурѓина Јауковиќ со 8 постигнати гола беше најпрецизна кај Будуќност, а во екипата на шведскиот шампион најрасположена за игра беше Ериксон која девет пати ја затресе противничката мрежа.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ