Будуќност им се придружи на Вардар, Ларвик и Динамо!

Комплетирана е четворката која ќе се натпреварува за најсјајниот трофеј во Лигата на шампионките. Ласло Пап арената во Будимпешта, на 9-ти и 10-ти мај ќе биде местото каде новиот првак во елитното ракометно натпреварување, ќе го подигне победничкиот пехар. Покрај Вардар, Ларвик и Динамо кои својата задача успешно ја завршија во саботните дуели, денес големата четворка ја комплетираше црногорскиот шампион Будуќност. Со нова победа во Подгорица, ракометарките на Будуќност уверливо го потврдија своето учество на завршниот.
Виборг не беше достоен предизвик за екипата на Драган Аџиќ, дамите од Подгорица својата работа ја завршија уште во Данска минатата недела кога го декласираа составот на данскиот шампион со 22-28. Денешната победа од 29-19 беше само потврда на доминацијата на црногорските ракометарки во елитното натпреварување. Уште на полувремето Будуќност ја обезбеди севкупната победа, првите триесет минути игра завршија со резултат 14-11. Виборг немаше сили да одигра барем едно рамноправно полувреме, и на крај се прости од Лигата на шампионите со нов пораз од 10 разлика.
Мехмедовиќ со осум и Петровиќ со седум погодоци беа најпрецизни во составот на домаќините, за Виборг Сања Дамјановиќ постигна шест голови.
Актуелниот дански шампион оваа сезона нема да ја одбрани титулата во домашниот шампионат, моментално се пласирани на четвртата позиција и заостануваат 10 поени зад водечкиот тандем Есбјерг и Митјеланд. Од друга страна, црногорскиот шампион нема конкуренција во домашното првенство и сите сили ќе ги насочи кон Будимпешта за остврување на првата историска победа на Фајнл Фор турнирот од Лигата на шампионите, Црногорките веќе имаат еден трофеј од најсилното ракометно натпреварување, во 2012 го освоија трофејот во Лигата на шампионките кога сеуште се играше по стариот формат на натпреварување.