Бувиниќ официјално претставен пред фановите на Брегенц (ФОТО)

Марко Бувиниќ од новата сезона се сели во Австрија. 24 Годишниот десен бек на Металург си замина од Автокоманда на истекот на oваа сезона, а ракометната судбина го носи во редовите на австрискиот шампион Брегенц.

Хрватскиот интернационалец ќе претставува огромно засилување во пресрет на квалификациите за Лигата на шампионите каде Брегенц ќе има тешка задача да ги помине Макаби Тел Авив или португалскиот состав Брага. Шансите за пласман можеби не се големи, но предноста која ја носи домашниот терен и новите засилувања за наредната сезона ќе бидат ветер во грбот за австрискиот првак.

Денес Марко Бувиниќ официјално беше претставен пред фановите на Брегенц. Тој е најзвучното име кое досега пристигна во редовите на австрискиот првак, заедно со литванскиот бек Повилас Барбаскас кој по една година помината во Целје повторно се враќа во Брегенц. Од клубот на крајот на оваа сезона заминаа Бојан Белјански и норвешкиот бек Еспен Ли Хансен.

13700102_10153813463470017_2875841336485341416_n

Брегенц за последен пат во Лигата на шампионите настапувал сезоната 2008/2009, а во 2010 година за последен пат бил дел од квалификациски турнир за пласман во елитното натпреварување. Управата на клубот заедно со младите ракометари се надеваат дека оваа година конечно ќе ја надминат последната пречка до групната фаза во Лигата на шампионите.