Брестовац: Има простор за уште 2-3 помлади играчи во националниот тим

Селекторот на Македонија, Данило Брестовац после победата и ремито против Исланд денеска на седницата на Управниот одбор го презентираше и планот за работа пред последните два меча од квалификациите за ЕП 2020.

„Собирот ќе биде на 8 јуни во Скопје. Ќе одработиме четири тренинзи и три видео анализи сè до заминувањето за Турција. Ова ни е потребно за да можеме што подобро подготвени да ги дочекаме натпреварите против Турција и Грција“, потврди селекторот Брестовац.

Тој даде свое видување и за натпреварите против Исланд, на кои дебитираше како селектор.

„Бевме во незавидна ситуација кога игравме во Рејкјавик бидејќи Турција ја совлада Грција. На добар пат сме. Не само што сме пласирани на ЕП туку и да имаме репрезентација која ќе игра на долги патеки. Нема да се запре со подмладување туку ќе продолжиме и понатаму со уфрлање на млади играчи, а мислам дека имаме простор за уште барем два ракометари“, изјави Брестовац.

Натпреварот со Турција се игра на 12 јуни во Ескишехир, додека против Грција во „Борис Трајковски“ во Скопје мечот се игра на 16 јуни.