Брестовац: Имаме група што треба да ни даде уште поголем мотив за добра подготовка пред Мундијалот

Кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство на кое е домаќин во август ќе игра во група заедно со репрезентациите на Данска, Бахреин, Јапонија, Аргентина и Нигерија. Ова е група за која селекторот Данило Брестовац сметаше дека ќе му донесе најдобра можност за да може да влезе во втората рунда со подобар резултат.

Селекторот Данило Брестовац, се уште ги средува импресиите по ждрепката, но кратко искоментира за 24Ракомет.

„Имавме среќа. Мислам дека имаме група што треба да ни даде уште поголем мотив да се подготвиме што подобро за овој Мундијал“, изјави Брестовац.

Данска е носител на групата и сигурно ќе влезе како фаворит, но еден таков противник мораше да има. За очекување беше дека Македонија ќе се најде во групата каде што ќе биде Бахреин бидејќи тоа  е противникот од вториот шешир кој беше со најслаб квалитет во споредба со Шпанија, Франција и Германија.

Кога на тоа ќе се додадат и селекциите на Јапонија, Аргентина и Нигерија сосема извесно е дека ова е добар избор и дека тука Македонија не би требала да има поголеми проблеми за да успее да се пласира во втората рунда каде што ќе има место за најдобрите три селекции.