Брестовац: Вината ја барам кај себе, ова денеска е школо и за мене

Македонија претрпе пораз на стартот од Светското првенство откако денеска против Аргентина загуби со 20:23 во меч во кој имаше одлично прво полувреме и катастрофално второ. Селекторот Данило Брестовац, после мечот вината ја бараше и кај себе, а главно коментарите одеа кон тоа прво да се направи анализа, па потоа да го даде вистинското видување за направеното.

„Има денови кога не оди ништо. Промашивме неколку шутеви, пенали, неколку топки се одбија кај нив, судиите судеа сè… Има драстичен пад. Кај младите категории е нормално во некои сегменти и се обидов со ротирање, но разочарувачка беше играта на задната линија. Како да закочивме и со средните бекови. Во првото полувреме мислам дека имавме контрола на сè, но ќе морам второто да го погледнам уште еднаш“, рече селекторот Данило Брестовац после средбата.

Тој изјави дека не очекуваше ваква игра на капитенот на оваа селекција.

„Не верувам дека не изненадија специјално. Имаме Несфатливи седум гола негатива во второто полувреме. Лошо шутерски полувреме, лошо изведено со пола шутеви. Дали мислеа дека рутински ќе добиеме или беше нешто друго не знам. Сега кога го вртам филмот можеби требаше да пробаме со тројца играчи со десна рака, но не очекував Мартин вака да закочи, а имаме двајца десни бекови. Кога се кршеше резултатот примивме неколку лесни голови“.

Изненаден е и од лошата реализација на бековската линија со оглед на тоа што имаше над 15 промашувања.

„Серафимов е носител на оваа генерација. Сигурно има притисок на оваа генерација. Имаме сериозен лош процент на задната линија. Можеби требаше да се обидам и со 7 на 6. Имаме уште борба. Ни остануваат уште четири средби во групата и сè е во игра. Ќе видиме како ќе реагираат задутре со Нигерија. Добро е што имаме ден пауза после ваков пораз. Разочаран сум. Ниту во најлошите сценарија не очекував дека вака завршиме. Морам да најдам решение. Можеби требаше повеќе да се ослонам на ротација. Ја барам грешката во мене. Ова се млади ракометари и кога не им оди едноставно не им оди. Ова е школо и за мене. Со оваа генерација не сум имал вакво нешто досега“, изјави селекторот на Македонија после средбата против Аргентина.

Следната средба за Македонија е в четврток од 20:30 часот, а противник е селекцијата на Нигерија.