Бранеше во Вардар, а сега меѓу стативите во Автокоманда: Даниел Ѓорѓески потпиша за Металург!

По заминувањето на Мартин Томовски во Лудвигсхафен и на Никола Даниловски во Охрид, Металург донесе нов голман во Автокоманда. Некогашниот член на европскиот првак Вардар, Даниел Ѓорѓески потпиша договор со тимот од Автокоманда и ќе формира дуо со Даниел Дупјачанец.

Ѓорѓески потекнува од Гостивар, бранеше за Работнички, Вардар Јуниор и Вардар, пред да се пресели во потрага по минутажа во битолски Пелистер. Престојот во Битола нема да го памети по добро, беше суспендиран од клупската управа, па си замина по неполна полусезона.

Со Металург ќе биде дел од Купот на ЕХФ во следната сезона. Тимот од Автокоманда досега ангажираше пет засилувања. Покрај Ѓорѓески, дојдоа Лука Вујовиќ, Маријан Мариќ, Милан Поповиќ и Реваз Чантурија, а наскоро се очекуваат уште три нови имиња.