Бразил ја најде замената за Жорди Рибера

По неуспешниот настап на Олимписките игри во Рио, бразилскиот селектор ја напушти функцијата и во наредниот период ќе ја превземе селекцијата на Шпанија. Откако Жорди Рибера замина од Бразил, челниците на Бразилската Ракометна Федерација имаа тешка задача да најдат соодветна замена пред Светскиот шампионат кој започнува на почетокот на јануари.

Денес бразилската куќа на ракометот и официјално објави дека машка сениорска ракометна репрезентација ќе бидат предводена од Вашингтон Нунес, кој до сега беше помошник тренер на  Рибера (во периодот од 2013-2016). Челниците на БРФ во најкраток временски период се одлучија повторно да му ја доверат сениорската репрезентација на Нунес по 2009 година. Новиот бразилски селектор, кој исто така е тренер на тимот од Сао Каетано, по втор пат е избран на оваа функција откако го водеше Бразил од крајот на 2008 година до март 2009 година, и настапи на Светското првенство во Хрватска.

Хелио Лисбон Џастин е назначен за негов помошник. Тој го предводеше јуниорскиот состав на Бразил на Светското првенство во 2014 година.