Бошковски: Задоволен сум, другпат Вардар нѐ победуваше и со повеќе од десет гола

Вардар го освои и петтиот трофеј годинава, и повторно се запиша во историјата на македонскиот ракомет, како победник на првиот Супер Куп на Македонија. Во натпреварот што е најава за почетокот на сезоната во домашното првенство Вардар со 30:25 (19-12) го победи Еурофарм Работник. Тренерот на битолчани е свесен за односот на силите, но е задоволен од играта на своите избраници.

 „Ова е награда за нас, што играме Суперкуп со европскиот првак. Нормално, ако се гледа резултат сум задоволен, бидејќи претходно Вардар не победуваше со повеќе од 10 разлика, но ако гледаме од друг аспект, тогаш треба да поправиме некои работи за да бидеме на ниво, не на ниво на Вардар во овој момент, туку на ниво што ни треба за македонската лига. Ние намерно малку подоцна стартувавме со подготовки затоа што нас шампионатот ни почнува за две недели. Целта ни е да бидеме први на табелата во регуларниот дел и да презимиме во европските купови. Овој натпревар ни дојде во дoбар момент да видиме до кај сме, нормално Вардар е друга димензија. Јас сум задоволен од тоа што го прикажавме во некои сегменти во натпреварот. Сакам да издвојам еден мал куриозитет. Минатата година како тренер на Роман во Романија, прв натпревар играв во Суперкупот, и повторно играв против европски првак, ЧСМ Букурешт, тоа ми е судено. Му го честитам трофејот на Вардар, и му посакувам уште една успешна сезона.“ – изјави Бошковски.

Нов ракометар на Еурофарм Работник е Милорад Кукоски, кој ја засили одбраната, и веќе почна да игра на официјални натпревари.

„Се менува малку концепцијата во играта. Јас инсистирав да дојде Кукоски, за дополнително да ја засилиме одбраната. Да не го заборавиме Пецаковски, кој се врати во финишот лани, сега има исто така мала повреда, со него и со Кукоски, нашата одбрана станува главен адут. Кукоски добро ни дојде, како и Ојлески, како и другите момци и мислам дека на вистински начин го презентираат ракометот што се игра во Битола. “ – вели Бошковски.

Амбициите на битолскиот суперлигаш се пред се да го мине литванскиот противник во Челинџ Купот.

„Амбициите се да играме подобро од лани, како и да го минеме третото коло во Челинџ Купот, односно литванскиот противник, па ако ни се укаже шанса, да поминеме уште некое коло и нормално да бидеме што повеќе конкуренти во плеј-офот. Пелистер е заислен и еден од главните конкуренти, со нив ќе играме битолско дерби. Прилеп е малку послаб од минатата година, Борец на домашен терен може да направи проблеми. Конкурент број еден е Охрид, мислам дека се за нијанска послаби од лани, но сепак Охрид во овие три години израснува во голем колектив.“ – продолжува Бошковски.

Еурофарм Работник во првото коло од Суперлигата, треба да игра со Младост, но тимот од Богданци нема да биде дел од најквалитетната конкуренција, па битолчани ќе паузираат и ќе ги стартуваат своите натпревари на 23 септември.