Борозан потпиша за Либек

По Дарко Станиќ и Владан Липовина, Вуко Борозан е третиот ракометар кој по раскинот со Металург заминува на печалба во германската Бундеслига. Според информациите на ракометниот портал “Хендбал Монтенегро” Борозан денес потпишал договор со екипата на Либек. И покрај големиот број на понуди кои ги имал од Франција, Унгарија и Полска, црногорецот решил да го прифати предизвикот кој го нуди најдобрата ракометна лига во светот и во наредните две и пол години ќе ги брани боите на тимот од северот на Германија. Доколку нема никакви проблеми со документацијата се очекува Борозан своето деби за новиот клуб да го има веќе денес против Гепинген, а доколку тој дел не биде среден на време се очекува да дебитира во среда против екипата на Рајн Некар Ловен.