Борец останува во борба за плеј-оф по гостувањето во Автокоманда

Во рамките на 14то коло од машката Супер лига, Металург 2 и Борец го одиграа својот последен натпревар за оваа година. Дуелите меѓу Борец и Металург 2 секогаш се неизвесни и интересни, а овојпат во спортската сала Автокоманда, поуспешни беа ракометарите на Борец и со конечни 29-31 се зацврстија на четвртата добитна позиција за плеј-оф фазата. Тие имаа три бодови повеќе од Прилеп но и натпревар повеќе.

Во ефикасен и интересен натпревар првиот гол го постигна Металург, но Борец преку Димитриевски веднаш возврати. Во слично темпо двете екипи го продолжија натпреварот.  Искусниот состав од Велес бргу ја неутрализираше предноста, но затоа во средината на првиот дел дозволи Металург да стигне до највисоките три погодоци разлика (11-8 17′). Предноста домаќините ја одржуваа до 25та минута кога со два погодока во низа Борец преку Трајковски го врати водството во свој посед. Резултатската нишалка се отслика на конечниот резултат кој на полувремето изнесуваше 16-15 за Металург 2.


Неизвесноста продолжи и во вториот дел. Домаќините успеаа да ја вратат минималната предност, а играта гол за гол го одведе домаќинот на разлика од два погодока во 36та минута. Во второто полувреме Металург 2 успеа да ја одржи својата предност и до 39та минута да ја зголеми на три разлика. Како по нотите од првиот дел средината на вториот дел повторно значеше пресврт, овојпат им припадна на гостите од Велес. Во 43та минута ракометарите на Борец го изедначија резултатот, а две минути подоцна веќе имаа и два погодока предност 22-24. Кога младите метлаурзи започнаа да паѓаат во својата форма, гостите полека ја градеа својата победа. Во 51та минута Борец за прв пат на натпреварот замина на четири голови разлика 23-27, a минута подоцна Трајковски беше прецизен од пенал линијата за највисоки 23-28. До крајот на натпреварот гостите искусно и рутинирано ја одржуваа предноста, која на крајот изнесуваше со голот на Палевски изнесуваше конечни 29-31.

Најпрецизен во составот на Борец беше Ивица Илиев со 9 голови, а го следеа Трајковски со 8 голови и Димитриевски со 5. Кај Металург 2 Палевски постигна 8 погодоци, Димитриовски уфрли 7 голови, а Крстевски беше прецизен 6 пати.