Борец започна со екипирање: Борјан Маџовски прво засилување во Велес

Откако минатата сезона се пласираше во разигрувањето за титулата, тимот на Борец од Велес и наредната сезона ќе ја стартува со високи амбиции во Суперлигата. Шестопласираната екипа во македонскиот шампионат повторно ќе биде под капата на општина Велес, а во изградба на конкуретен тим веќе започна да се екипира за престојното првенство.

Поранешниот ракометар на Пелистер, левиот бек Борјан Маџовски е првото засилување за велешани и во следната сезона ќе го носи дресот на Борец. Од минатогодишниот играчки кадар, нови договори потпишаа бекот Бобан Андовски, десното крило Илија Крстевски, организаторот на играта Ивица Илиев и десниот бек Кристијан Давитковски.

Ова е првиот бран на ракометари за новата сеозна, а се очекува во наредните две недели да се продолжат договорите и со останатите ракометари кои го изнесоа најголемиот товар во минатата сезона. Наскоро од управата на велешкиот клуб ја најавуваат и промоцијата на новите две засилувања кои треба да донесат нов квалитет на составот од Велес.

Од Борец ова лето заминаа бекот Дарко Димитриевски, кој повторно се врати во Металург и левото крило Стефан Трајковски, кој се врати во Пролет.