Борец ги започна подготовките, Ивица Лазаревски ново име

Ракометарите на Борец, под водство на тренерот Васко Василев и неговиот помошник Злате Стојковски, ги започнаа подготовките за новата сезона, во која амбициите се минимум повторување на ланскиот успех, односно пласман во плеј-офот. Ново име во тимот е повратникот од Пелистер, десниот бек Ивица Лазаревски, кој паузираше скоро цела мината сезона, но сега е подготвен за новиот предизвик. Во текот на целите подготовки, ќе се тренира во Велес, а ќе се одиграат и неколку пријателски натпревари со македонски екипи.

Борец повторно ќе биде под капата на општина Велес, а пред стартот на подготовките веќе ги обнови договорите со дел од клучните играчи. Нов договор потпиша пикерот Игор Павловски, некогашен репрезентативец на Македонија и поранешен член на Металург, Пелистер, Овче Поле, Струмица, Куманово, ВВ Тиквеш и Динамо Букурешт. Покрај него договорите ги продолжија и пикерот Љупчо Игнов, голманот Кире Димовски, Антонио Јаневски, бекот Ангел Органџиев, а од младински погон Димче Минов влегува во сениорската екипа.

Од минатогодишниот играчки кадар, претходно соработката ја продолжија и бекот Бобан Андовски, кој најчесто игра во одбраната, десното крило Илија Крстевски кој одигра одлична сезона, организаторот на играта Ивица Илиев, за кој имаше интерес од Радовиш и десниот бек Кристијан Давитковски. Од засилувањата, досега потпис ставија искусниот голман Кирил Колев, како и левиот бек Борјан Маџовски, а од велешкиот тим единствено заминаа само Дарко Димитриевски и Стефан Трајковски.