Борец во победничка серија, во Велес падна лидерот Охрид

Ракометарите на Борец ја забележаа и четвртата победа по ред, откако по домашните триумфи над Радовиш и Пролет, како и гостинскиот над Работнички, славеа над составот на Охрид со 30:28, во натпревар од 12 коло во Супер лигата.

Охрид отвори добро, со водство од 5:1, но домашните ракометари со серија од 6:1 стигаа до предност од 7:6. Избраниците на Горан Андоновски повторно влегоа во ритам и константно водеа со два до четири голови разлика во првиот дел кој го добија со 16:13.

Исто се играше и на стартот на вториот дел. Охрид ја контролираше играта, стигна и до највисоки плус 5, 22:17, но тогаш како да застанаа. Борец стигна до 22:22, потоа се играше гол за гол и имаше уште шест израмнувања до резултат 28:28.

Тогаш гостите промашија, а Дарко Димитриевски и Миле Ордев стрелаа за предност и конечни 30:28 за Борец. Најдобри во домашниот состав беа токму споменатите Димитриевски со 10  Ордев со 7 голови, додека кај гостите премалку беа 11 голови на бекот Кобетиќ, додека левото крило Андоновски имаше 5.