Борбено до крајот: Кадетите во добар меч загубија од домаќинот Полска

Кадетската репрезентација на Македонија загуби од домаќинот Полска со 32:34 во меч во кој се играше борбено до последната секунда од мечот. Имаше падови, но и одлични периоди така што кадетите заслужија и многу повеќе на оваа средба.

Домаќинот тргна во средбата многу посилно. За десетина минути создаде плус четири и водеше со 7:3. Сепак, ова беше мотив плус за момците на Брестовац и со серија од 5:1 за десет минути игра се дојде до израмнување од 8:8 во 21. минута од натпреварот.

Тука се влезе во еден израмнет период во кој се играше гол за гол. Полска постојано беше во предност, а Македонија израмнуваше. Сепак, не успеа да се избори за водство, па на одмор се замина со 12:14 откако Полска казни две грешки во последната две минути од првиот дел.

Во второто полувреме, Полјаците отворија подобро и за пет минути направија предност од 20:15. Најголемата разлика беше седум гола при 18:25, но тука дојде до опуштање кај домаќинот. Имаше и моменти кога на теренот имаа двајца играчи помалку, па Македонија знаеше како да го казни ова. Со борбена игра до крајот се издржа и се дојде до пристоен пораз од 32:34.

Впечатокот е дека овие момци имаат простор за напредок така што ќе можат уште повеќе да ја креваат формата на идните собири.

Утре го играат последниот дуел против селекцијата на Чешка од 11 часот, а тоа ќе биде пресметка за 2. место на турнирот.

МАКЕДОНИЈА: Кизиќ 1, Василевски, Петковски, Гучевски 1, Џигеровски 1, Меловски 2, Кондев 2, Ќосевски 3, Наков, Божиновски, Митиќ 1, Мајсторовски, Каковски, Симоновски 3, Ристовски, Серафимов 14, Карапалевски 4, Атанасовски.