Борбената Струга остана без третото место на домашниот турнир

Домаќинот на Струшкиот турнир заврши на четвртото место на годинешното издание откако загуби од шведскиот тим Ескилстуна Гуиф со 26-28.

Во првото полувреме гостите го диктираа темпото и водеа со 5-10, но како одминуваше времето стружани предводени од средниот бек Талевски намалија на 9-11. Грешкте зачестија пред паузата, па Гуиф на полувреме замина со предност од четири голови, 10-14.

Во вториот дел тимот на Илија Темелковски успеа да стигне до реми 18-18, но не и да направи комплетен пресврт. Гуиф повторно се одлепи, но последните пет минути беа драматични. Швеѓаните водеа со 25-27, пред Симоноски да намали на 26-27.

Стружани се одбранија, но ударот на Крстаноски го одбрани Хердеиро на триесетина секунди до крајот. Згрешија и Швеѓаните, но Кузманоски направи чекори при последниот обид и немаше веќе време за нешто повеќе, па Гуиф погоди за конечни 26-28.