Бодови распределени по евровизиски принцип: Реми за Шведска и Данска

Репрезентацијата на Данска водеше во текот на целиот натпревар против Шведска, но добрососедските односи по кој знае кој пат се покажаа и на терен. Данска и подари бод на Шведска, со кој Швеѓаните можат да се надеваат на седмото место кое води до квалификациски турнир за Олимписките игри во Рио.

Јакобсен го отвори резултатот на овој меч и го одржуваше минималното водство во првите седум минути, кога за последен пат составот на Ола Лингрен и Штефан Олсон имаше реми (3-3). Следуваше серија од 4-0 која им донесе прва предност на Данците од 3-7. Во 20-та минута Дамгард ги постави највисоките пет разлика, но до крајот на првиот дел, Шведска ја намали негативата на само два гола (13-15).

Во продолжение на натпреварот се играше пријателски, гол за гол, а Данска во последните две минути влезе со два погодока предност. Сето тоа што го градеше во текот на мечот Данска го прокоцка или подари на противникот за само една минута. Нилсен и Захрисон беа прецизни за израмнување на резултатот на 28-28, осум секунди пред звукот на сирената. Се „обиде“ Данска да возврати со брз центар, но ударот на Нодесбо во средината на голот беше лесен плен за Апелгрен.

Сега Шведска има два бода и со победа во следното коло има сериозна шанса да се бори за седмото место на овој континентален собир, место кое води до олимписки квалификации за Рио. Во последното коло, Шведска треба да ја совлада Унгарија, додека Данска ќе мора преку Германија во полуфиналето.

Репрезентацијата на Норвешка која е во игра и за полуфиналето, веќе го обезбеди своето место на квалификацискиот турнир за Олимписките игри.