Бодовите останаа во „Кале“: Работнички со важен триумф во градското дерби против Металург

Екипата на Работнички дојде до важни бодови откако се избори за победа на мечот против Металург 2 со 34:30. Во меч во кој имаше неколку серии и од двете екипи на крајот домашните успеаја да бидат подобри и да дојдат до триумф иако во текот на сите 60 минути никој не можеше да биде сигурен дека ќе дојде до триумф.

Домашните тргнаа подобро. Многу брзо се изборија за предност од 6:1, но потоа како да застанаа. Металург се врати и намали на 9:8 при што внесе неизвесност. До крајот на првото полувреме Работнички одново имаше серија и се најде на предност од шест гола. Водеше со 14:8, но до крајот на првиот дел не успеа и да ја задржи откако гостите одново намалија.

На одмор се замина со 16:14, а потоа во вториот дел играта продолжи во ист стил. Работнички ја имаше предноста, а Металург се обидуваше да израмни. Секогаш недостигаше малку поголема концентрација во нападот за да се дојде до враќање во игра и израмнување.

Кој ќе победи стана јасно на 7-8 минути до крајот од мечот кога Работнички поведе со 30:23. Иако гостите се обидоа да направат чекор напред и да фатат приклучок веќе беше јасно дека тоа е невозможна мисија, па бодовите останаа за тимот на Работнички.

Со ова Работнички дојде до важни поени против директен конкурент, додека Металург 2 ќе мора на следните средби да ги намали грешките на минимум доколку сака да остане во трка за место во Супер лигата.

РАБОТНИЧКИ – МЕТАЛУРГ 2    34:30 (16:14)

Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии:Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

РАБОТНИЧКИ: Куртановиќ, Виларов, Игнов, Кочов, Анастасовски 4, Милошевски 8, Стефаноски, Димитров 5, Љубевски, Кумогоротски 3, Полијак 8, Ѓоргиески, Благопетров, Палевски 6, Мишоски.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 14 мин.

МЕТАЛУРГ: Василевски, Божиновски, Мијатовиќ, Михајлов 3, Кондев 4, Кофилоски, Гошевски, Митиќ 2, Ристовски, Серафимов 12, Гогов, Прцуловски, Младеновиќ 6, Додиќ 2, Гајиќ 1.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 8 мин.