Блокада за Рајн Некар: Шампионска ерупција на вардарци во Јане Сандански

Во дуелот на двете екипи без пораз во групата А во Лигата на шампионите актуелниот првак, Вардар му одржа лекција на Рајн Некар и го совлада со 30:26 со што го зацврсти првото место. Во одлична игра со водство од првата до последната минута, Вардар доминираше и дефинитивно го нокаутираше тимот за кој настапува Филип Талески. Рајн Некар не се снајде во скопскиот пекол, а ова беше уште една шампионска ерупција на Вардар кој наликува на оној тим што ја освои Лигата на шампионите.

Иако без Циндриќ и Мораеш, Вардар беше убедлив и докажа дека има одлични момци за нов висок дострел.

Средбата имаше почеток каков што Вардар можеше само да посака. Тргнаа први од центарот и одеа сигурно кон голот на Рајн Некар, а Вуко Борозан уште во првиот напад покажа дека ова ќе биде средба во која голманите на тимот од Германија ќе мораат често да ја вадат топката од голот.

Играта која што Вардар ја наметна од стартот најавуваше добар тек. Имаше по некоја грешка на двете страни, но имаше само една ситуација во која резултатот беше нерешен, а тоа беше при 1:1 во 2. минута. Продолжението беше како што може да се посака.

Тактиката на Николај Јакобсен беше да игра со седуммина во напад, а тоа му даваше резултат само на моменти. Кога во 10. минута Вардар поведе со 6:3 одлучи да повика тајм-аут и да ја смени тактикта во нападот. Во тој момент го повлече од игра и Филип Талески кој почна во одбрана, па како што одминуваше времето така и разликата се зголемуваше.

Следните десет минути беа пеколни, а Вардар на трите гола предност им додаде уште три и во 20. минута имаше 13:7 што беше одраз на одличната игра и во одбраната и во нападот. Токму поради тоа Јакобсен мораше да искористи уште еден тајм-аут, па практично на секои десет минути повикуваше минута одмор.

Доколку во Вардар не дојдеше до мало опуштање во завршницата на првото полувреме тогаш предноста на одморот ќе бее и поголема. Разликата највисоко стигна до седум гола во 22. минута кога беше 15:8, а во последните две минути пред одморот Рајн Некар казни двапати и успеа на пауза да замине со 17:13 и тоа со гол на Сигурдсон буквално во последната секунда.

Сепак, она што беше видено најавуваше убав епилог на овој меч, а одличната атмосфера во салата секако беше од голема помош за актуелниот европски првак.

Стартот на второто полувреме донесе одново подобра игра од Вардар и брзо зголемување на предноста на шест гола. Гостите успеваа да намалат, но пет погодоци им беа најмалата разлика која што ја имаа од 31. до 40. минута од средбата. Одбраната 5-1 на Вардар не функционираше како на претходните натпревари, но добрата ситуација беше што во нападот вардарци редовно успеваа да казна. Играта гол за гол не оставаше премногу простор за поголема предност, но беше доволна за да се остане во убава предност.

На средина од вториот дел конечно Штербик ја крена публиката со бранење на зицер на Сигурдсон, а Стоилов му се придружи со добра игра во нападот што донесе можност за ново враќање на разликата која најдолго беше присутна на овој меч од шест гола, 25:19 (48 минута). Три минути подоцна стигнаа и до седум гола позитива од 27:20, но потоа две грешки при еден играч помалку на терен донесоа мало враќање на надежите на гостите, кои намалија на 27:23 на седум минути до крајот од мечот.

Сепак, тука следуваше нова серија за Вардар, а веќе беше доцна за нешто повеќе од гостите на кои им остана само да ја потпишат првата капитулација сезонава во Лигата на шампионите.

ВАРДАР – РАЈН НЕКАР 30:26 (17:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 5500. Судии: Сорин-Лаурентиу Дину и Константин Дин од Романија. Делегат: Марек Горалчук од Полска.

ВАРДАР: Штербик (10 одб)., Милиќ, Стоилов 3/4, Недановски, Поповски, Криштопанс 5/12, Македа, Карачиќ 3/3, Абутовиќ, Кањелас 1/1, Чупиќ 6/9, Дибиров 3/5, Шишкарев 1/1, Борозан 7/13, Војводиќ, Марсениќ 1/2.

Седмерци: 4/6, Исклулчувања: 8 мин.

РАЈН НЕКАР: Паличка (6 одб., 1 сед.), Апелгрен (2 одб.), Шмид 5/10, Близнац, Сигурдсон 4/6, Радивојевиќ 4/6, Баена 5/5, Толбринг 1/2, Рниќ, Мензах Ларсен 1/5, Пекелер 2/2, Грецки, Рајнкинд 2/2, Талески, Гвардиола 0/1, Петерсон 2/4.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 8 мин.