Блажевска за 24 Ракомет: Ова е победа голема колку планина…

Првата дама во тимот на Металург, претседателката на клубот, Зорица Блажевска имаше многу причини после средбата против Вардар да биде задоволна од она што момците го направија, но секако и од сето она што таа го виде на теренот.

„Оваа победа искрено беше многу посакувана после сето она што ни се случи во текот на сезоната. Останавме без тренер и без многу клучни играчи. На мускули ја приведуваме до крај оваа сезона. Имавме и едно-две разочарувања кои можеби ни пречеа во домашното првенство. Сепак, пред овој натпревар со играчите на средба им кажав дека местото на Металург е во финалето, а местото на овој пехар е во витрините на Металург. Ова е само една најава за следната сезона“, коментираше Блажевска веднаш после мечот за 24 Ракомет.

Таа најави дека Ф4 турнирот во Келн ќе го следи од трибините и ќе биде еден од најголемите навивачи на „црвено-црните“.

„Ова е победа голема колку планина бидејќи е забележана против европскиот шампион. Се надевам дека ќе биде двоен европски првак, му посакуваме сè најдобро. Ќе бидам на трибините и ќе навивам за Вардар. Поради тоа нашата победа е послатка и искрено дава една самодоверба, можеби не толку за оние три средби кои останаа бидејќи 3. место е загарантирано колку што е за она што не очекува за следната сезона“, рече Блажевска после мечот против Вардар.