Благојче Крстев почна тренерска кариера во Еупен

После завршувањето на играчката кариера која ја финишираше во Ејнатен каде што беше во тимот заедно со својот син Андријан Крстев, Благојче стартуваше тренерска кариера. Капитенот на првата генерација јуниори кои се пласираа на едно СП со ова влезе во една нова фаза од животот и од кариерата.

Се работи за одличен лев бек, кој рано почна интернационална кариера и неоправдано беше речиси редовно забораван од селекторите на сениорската репрезентација. Потекнува од тимот на Овче Поле кој пред дваесетина години даде многу одлични ракометари и репрезентативци, а Крстев беше дел од генерацијата која беше наследена од Кире Лазаров.

Еупен игра во 2. лига на Белгија, а после поразот на стартот од Аполон Кортријк со 30:33 на гостински терен, во 2. коло беше забележан триумф од 28:23 над Гент. Синот на Благојче, Андријан е роден во 1999 година, а игра на бековската позиција така што е потенцијален репрезентативец на Македонија во кадетската и младинската селекција.