Битолчани, покажете се: Почна продажбата на влезниците за дуелот Македонија – Турција

Битолската ракометна публика важи за една од најдобрите кај нас, па нема сомнеж дека трибините во салата „Боро Чурлевски“ ќе бидат исполнети до последното место за првиот дуел од квалификациите за ЕП 2020 меѓу Македонија и Турција.

Љубителите на ракометот ќе имаат можност да набават влезници за натпреварот неколку локации на Широк Сокак, а продажбата започна утринава. Количината која ќе биде пуштена во продажба ќе биде ограничена, додека останатите влезници ќе може да се купат на билетарницата во салата пред почетокот на натпреварот.Цената на билетот изнесува 150 денари.

Македонската репрезентација денеска го има првиот собир, ќе тренира и утре во Скопје, додека в среда заминува за Битола, каде исто така ќе одржи два тренинзи пред дуелот кој се игра в четврток со почеток во 20:15 часот.