Битола е обоена во сино: Моќниот Еурофарм го разби Пелистер!

Ракометарите на Еурофарм Работник по големиот триумф над Металург во второто коло од раигрувањето за титулата во Суперлигата, забележа нова висока победа, овојпат над градскиот ривал Пелистер со 32-25. Иако се очекуваше дербито да биде порамноправно и да има повеќе возбудувања, сепак не беше така и ако „фармацевтите“ не се опуштеа во финишот, разликата ќе беше двоцифрена во нивна корист.

Кога тргна натпреварот со предност од 4-0 за домаќинот на хартија Еурофарм Работник, веќе се почувствува надмоќта на „фармацевтите“, а кога беше 13-5 на средината на првиот дел, веќе беше јасно дека ќе гледаме дуел налик на оној од Женската лига, кога средбите завршуваат со двоцифрена предност за некоја од екипите. Имаше Еурофарм Работник и плус десет, 16-6, но на пауза се замина со 18-9.

Во вториот дел слична слика. Не дека ракометарите на Пелистер не се бореа, не дека немаа голема поддршка од „Чкембарите“, но едноставно не им одеше против расположените играчи на Еурофарм, а кога ќе дојдеа до чиста позиција за шут, голманот Трајкоски се испречуваше пред нив.

Никола Маркоски заработи директен црвен картон заради еден невнимателен старт во 41. минута, но и покрај тоа неговиот соиграч Филип Кузмановски, иако беше исвиркуван од „Чкембари“ го полнеше голот на матичниот клуб и Еурофарм Работник имаше и +13, 30-17.

До крајот пелистерци некако успеаја да ја намалат предноста и натпреварот заврши со пристојни седум голови разлика, 32-25. Кај Пелистер се истакнаа Поповиќ со седум, Кобетиќ со шест и Гуглета со пет погодоци, додека кај Еурофарм Работник најдобри стрелци беа Остроушко со осум, како и Кузмановски и Ојлески со по шест голови.