Битката за врвот во македонската лига без победник

Вечерва во рамките на шестото коло од македонската Суперлига се одигра дерби дуелот меѓу првопласираните екипи во националниот шампионат. Во спортската сала „Младост“ Пелистер го пречека составот на Охрид 2013, а по првите шеесет минути од битката за првата позиција, двете екипи ги поделија бодовите со конечен резултат 26-26.

Домаќините имаа одлично отворање со серија од три погодоци во низа, но охриѓани веднаш возвратија со своја низа од четири погодоци и до осмата минута го израмнија резултатот, а веќе во 10-та го превземаа водството. Но тоа беше само вовед во неизвесен и возбудлив дуел, во кој ниту една од екипите не успеа да создаде разлика повисока од два погодока. Токму затоа конечниот резултат ја отсликува вистинската состојба на теренот во Младост. Иако пелистерци ја имаа иницијативата и контролата врз резултатот, во самиот финиш на првиот дел дозволија гостите повторно да се вратат во водство, а Бојан Маџовски со својот единстен гол стави точка на триесете минути и ги одведе двете екипи на пауза израмнети на 11-11.

По првото полувреме повторно домаќините имаа два погодока предност, која бргу се стопи и идентично како во првиот дел беше вовед во неизвесна завршница. За разлика од првото полувреме, овојпат Пелистер постојано беше во предност. Иако гостинските ракометари го израмнија резултатот дури шест пати, ниту еднаш не успеаа да поведат, а Бобан Блажевски од пенал во последниот обид од линијата за седум метри ги постави конечните 26-26.

Најпрецизен во составот на Пелистер беше Чантурија со седум голови, а го следеше Николиќ со пет. Кај гостинските ракометари Блажевски беше убедливо најефикасен на теренот со 12 погодоци од кои дури осум прецизни пенал удари.

По шест одиграни кола двете екипи се изедначени на врвот со по 13 бодови, а ги следи Работник со еден помалку. Во следното коло Пелистер гостува во Велес кај Борец, додека Охрид го пречекува незгодниот состав на Прилеп.