Белорусинката Илина е најновото засилување на ЖРК Вардар

Македонскиот женски ракометен шампион ЖРК Вардар го обезбеди и петтото засилување за престојната сезона. Станува збор за младата белоруска репрезентативка Дијана Илина(20) која се очекува да се приклучи на подготовките. Илина потпиша тригодишен договор со екипата на ЖРК Вардар, а во Скопје пристигнува од екипата на белорускиот шампион Гомељ.

„Со трансферот во Вардар сакам да преминам на нов стил во играта. За ваква понуда и трансфер, да бидеш во друштво на вакви играчи како што сега има Вардар е сон на секого. Многу сум среќна поради ваквата промена во мојата кариера. Очекувам многу добри работи во иднина во мојата игра и развој како играч. Сакам да преминам на повисоко ниво и да го почувствувам овој квалитет на играта. Ќе се трудам да дадам максимум во сето тоа, изјави Илина за клупскиот сајт.

Покрај централниот бек Илина, ЖРК Вардар за престојната сезона ги ангажираше и крилата Херем и Мавсар, десниот бек Александра Лакрабер како и голманот Мајса Песоа.

Вардарки со подготовките во Словенија ги стартуваа подготовките за престојната сезона, а до 21 август ќе останат без услугите на интернационалките кои учествуваат на ЛОИ во Рио.
Традиционално првиот посериозен тест “црвено-црните” девојки ќе го имаат на познатиот турнир “Винко Кандија” кој на 19 и 20 август ќе се одржи во Љубљана.