Без пивот и голман нема бодови против Пролет: Фаворитот Е. Работник падна во Скопје

Ракометарите на Пролет го совладаа досега непоразениот тим на Е. Работник во дербито на 5 коло од Суперлигата. Домаќинот најчесто го диктираше темпото и беше во водство, па на крајот заслужено го доби овој натпревар со 26-24. Е. Работник веќе извесен период на пивотменската позиција нема конкретно решение, па тренерот Бошковски мора да импровизира со Трајковски и Мемиќ кои ретко играат на оваа позиција. Пех за битолчани е и повредата на првиот голман Чаневски, бидејќи нема соодветна замена на таа позиција. Токму тука се прекрши овој дерби дуел, па солидниот Кимевски и одличниот Андоновски му пресудија на битолскиот состав.

Избраниците на Илија Темелковски отворија одлично и водеа со 8:5, но битолчани преку левото крило Ојлески намалија н 8:7. Беше и 9:7 за Пролет, пред Работник со серија од 3 голови по промашувањата на домашните да поведе со 9:10.

Ролевски погоди од бековска позиција на 10:10, а беше и 11:11. Повторно пад во играта на Е. Работник и Пролет го искористи тоа за да направи нова серија за солидна предност од 14:11. До крајот на полувремето, битолчани врзаа 2 гола во серија, за 14:13.

На стартот на вториот дел Работник веднаш израмни на 14:14, а Пролет водеше со 15:14 и 16:15. Откако гостите израмнија на 16:16, Ојлески имаше шанса да погоди од пенал за водство на Работник, но голманот Коруновски го одбрани неговиот удар и Џонов зголеми на 18:16.

Крстевски не ја повтори грешката на Ојлески и стрелаше 18:17, но разиграниот Џонов и голманот Кимевски беа причина што Пролет пак стигна до плус 3, 21:18. На десетина минути до крајот Манасков погоди за 22:19. Беше и 23:20 во 51 минута, па тренерот Бошковски мораше да побара тајм-аут.

Чурлевски намали на 23:21, но Јовчевски го одржуваше Пролет во предност од 3 голови. Мајнов се избори за пенал на спротивната страна, но Кимевски одбрани, па домашните стигнаа до плус 4, 25:21. Ојлески на 5 минути до крајот намали на 25:22, а по одбраната на Ивановски, Дрогришки донесе минус 2, 25:23.

Андоновски го даде клучниот гол за победата на домаќините, 26:23 по лошата интервенција на голманот Ивановски. На две минути до крајот Кимевски го одбрани ударот на Чурлевски и веќе беше јасно дека победата останува дома со конечни 26:24. Најдобар поединец во победничкиот тим беше Ласко Андоновски со 9 голови, додека Џонов даде 5, сите во вториот дел, а кај Работник се истакна Гоце Ојлески со 12 голови, но тие беа премалку за нешто повеќе.