Без Милиќ и Мораес шампионот ќе брка победа во Шведска

Со утрешниот натпревар против Кристијанштад, вардарци ја започнуваат серијата од две врзани гостувања во Лигата на шампионите. Тимот отпатува за Шведска каде ја има фаворитската улога. Вардар е лидер во група А во ЛШ со девет бода од пет натпревари, додека домаќините се последни на табелата со само еден бод.

Во ростерот на европскиот шампион нема да бидат Страхиња Милиќ, кој мирува по повредата на окото што ја заработи додека траеше ЕХФ неделата, додека отсутен ќе биде и бразилскиот пикер Рожерио Мораес, со кој нема да се ризикува се уште по неговата повреда на носот, иако тој се врати на тренинзите.

„Црвено-црните” ја имаат најдобрата одбрана во досегашниот дел од сезоната, и се единствени што примиле помалку од 120 голови на 5 натпревари. Сега почнува серија од 6 мечеви во ноември, од кои 4 во Лигата на шампионите и уште 2 во СЕХА Лигата.