Бајрамовска и Крим успешно ја решија втората скандинавка

Словенечкиот првак Крим, можеби на изненадување на европската ракометна јавност, ја оствари и втората победа во скандинавска група во Лигата на шампионите, каде се наоѓаат данскиот Есбјерг, шведскиот Савехоф и норвешкиот Ларвик.

Избраничките на Урош Брегар по победата над Ларвик, дома славеа и против Савехоф со 32:29, иако на полувремето имаа уште поубедлива предност, 20:10. Уште од стартот си го „фатија редот“ домаќинките и поведоа со 3:0, потоа беше и 6:2. Савехоф стигна до 6:5, но тоа беше се од нив во првиот дел. Десното крило Анета Бенко постигнуваше голови во серија, па Крим обезеди голема предност пред паузата, 20:10.

Како одминуваше вториот дел, упорните ракометарки на Савехоф ја топеа полека предноста на Крим, но не го зададоа последниот удар. Предноста на избраничките на Брегар се движеше најчесто од пет до седум голови во овој период, пред Робертс да намали на 30:26 во 56 минута, а Санд погоди за 31:29 во 59 минута, но веќе беше доцна за нешто повеќе. До крајот погоди уште Корен за конечни 32:29.

Македонската интернационалка Мирјета Бајрамовска даде 2 гола од 5 обиди на овој натпревар, а најдобра во Крим беше Анета Бенко со 8 голови, додека Оморегие даде 5. Во Савехоф најефикасна беше Јамина Робертс со 8 голови.