Башкин: Се обидовме да го задржиме Кристопанс, но Вардар испрати понуда што не се одбива!

Македонскиот првак Вардар го потврди доаѓањето на летонскиот репрезентативец Даинис Кристопанс од следната сезона, кој ќе треба да го надополни заминувањето на Алекс Душебаев во Киелце. Кристопанс уште два пати најмалку ќе игра против Вардар, како ракометар на Брест Мешков, во СЕХА Лигата и во Лигата на шампионите, па ќе биде интересно да се види како ќе се однесува на теренот против идниот клуб. Во белорускиот првак, се надеваат дека Кристопанс нема да се штеди до крајот на сезоната и ќе одигра професионално.

„За жал, Даинис Кристопанс заминува во Вардар следната сезона. Го направивме вистинскиот избор во 2015 година, го следевме од јуниорските категории и ракометарот постојано напредува. Знаејќи го интересот за него од бројни европски врвни клубови, се обидовме да го задржиме со нов договор и поволни услови. Но на крај Вардар му испрати понуда која не се одбива. Што е тука е, животот продолжува, вакви примери во спортот има илјадници. Ние започнавме потрага по негова замена на таа позиција. Се надевам дека Даинис ќе покаже вистински професионализам и нема да се штеди до истекот на договорот со Мешков Брест.“ – изјави спортскиот директор на Брест Мешков, Павел Башкин.