Башевски и Шиклевски го средија Спартак

Иако во своите редови ги имаа расположените Бојан Манев и Михаил Брзанов, ракометарите на Спартак мораа да и честитаат на Преспа за победа во Кисела Вода. Гостите од Ресен, иако во првиот дел имаа мали проблеми, сепак на крајот заминаа дома со убедлива победа од 29:37.

Домашните го диктираа темпото во првиот дел и константно беа во предност со 1 или 2 разлика, а по петнаесетина минути стигнаа и до 10:6, што беше знак за гостинскиот тренер да побара тајм-аут. По минутата одмор, неговите избраници заиграа поангажирано и со серија од 7 голови го преземаа водството, 10:13. Домашните имаа многу технички грешки, избрзани шутеви од тешки позиции и Преспа рутински го заврши полувремето со водство, 12:16.

На стартот на вториот дел гостите континуирано одржуваа разлика, најмногу благодарение на голманот Беличовски, а во нападот успешно реализираа Башевски и Шиклевски. Спартак намали во неколку наврати на 3 разлика, но немаа сили за нешто повеќе да направат и на крајот Преспа дури и убедливо славеше со 29:37.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа споменатите Башевски со 12 и Шиклевски со 9, а Илија Јошевски даде 8, додека кај домашните стандардно Манев со 1о и Брзанов со 11 беа подобри од сите други.