Башевски: Желба и мотив има, Преспа оди на победа во Струга

Преспа игра одлично на стартот на сезоната во Првата Лига и во 6 одиграни натпревари има 5 победи. Тимот од Ресен во 7 коло гостува кај Струга, која има ист биланс, а по завршувањето на овој натпревар една од екипите веќе нема да биде на 2 позиција. Еден од најдобрите стрелци во Преспа, Кире Башевски посакува продолжување на победничката серија.

„Секако дека одиме на победа и на гостувањето во Струга, кое за нас секогаш било незгодно. Нема да се предадеме, имаме мотив, сила и расположение кај играчите. Доволно го познаваме противникот и се подготвувавме одлично минатата седмица. Одиме на победа и посакуваме сезонава да бидеме блиску барем до баражот за Суперлига.“ – изјави Башевски.

Мечот меѓу Струга и Преспа се игра денеска со почеток во 12:30 часот во салата „Нико Нестор“.