Барселона триумфално низ Фленсбург

Шпанскиот првак ја оствари третата победа во Лигата на шампионите откако славеше на гостувањето во Германија, кај Фленсбург со 28:27. Домаќините имаа предност на самиот почеток од 3:2, но тука конците во свои раце ги превзема Лазаров и неговите соиграчи и веќе по девет минути имаа два погодока предност, 4:6.

Домашните со серија од 3:0, преку Радивојевиќ, Егерт и Могенсен поведоа со 7:6, како вовед во изедначено продолжение. Во финишот на првиот дел Барселона поведе повторно создаде предност од два погодока за 13:11 резултат со кој двете екипи заминаа на пауза.

Во вториот дел, Шпанците продолжија да го диктираат темпото и стигнаа на три пати до предност од 4 голови разлика, 19:15, 20:16, 21:17. Но домаќините не се предадоа, упорноста на составот на Врањеш се исплатеше. На среднината на вториот дел, Фленсбург успеа да намали на еден гол разлика, 21:20, а  веднаш потоа Могенсен на истекот на 47-та минута да израмни на 23:23. Но Могесен од херој се претвори во трагичар на овој меч. Арињо, Лазаров и Жалуз донесоа одново плус 3 за Барселона, но каталонците повторно не успаа да се одржат на сигурна предност. На три минути до крај Тофт Хансен ја врати минималната разлика од еден гол 27:28, а по промашувањето на Лазаров, Фленсбург имаше последен напад за израмнување. Сепак Могесен несмасно ја продаде топката која заврши во рацете на македонскиот интернационалец за крај на натпреварот и нова победа за Барселона.

Најпрецизен на теренот беше Ваел Жалуз со осум погодоци, на спротивната страна Гландорф постигна шест голови, додека Егерт еден помалку. Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров беше втор стрелец во составот на Барселона, тој постигна 4 голови од 12 обиди. Во следното коло Барселона го пречекува составот на Кадетен Шафхаузаен, додека Фленсбург ќе има тешка задача да го врати моралот по овој пораз на гостувањето кај ПСЖ.