Барселона официјално ги претстави Ласе Андерсон и Дика Мем

Во новата сезона најзвучно име меѓу ракометарите на Барселона сигурно ќе биде младиот дански талент Ласе Андерсон. Тој ќе биде еден од клучните ракометари во составот на Чави Пасквал со кој искусниот стратег ќе се обиде да ја забрза играта на каталонскиот гигант. Данецот кој минатата сезона во дресот на КИФ Колдинг постигна 63 гола во Лигата на шампионите, ќе ја засили левата бековска позиција каде уште играат тунижанецот Жалус и чешкиот ветеран Филип Јиха.

Како што истакна тренерот на Барселона со пристигнувањето на Андерсон се отвораат нови можности во играта на шпанците, а освен во нападот Андерсон ќе има и одбранбени задачи. Според зборовите на Пасквал Андерсон нема да биде само играч на иднината на Барселона туку и на сегашноста.

На официјалната прес-конференција Андресон истакна: „Го живеам мојот сон во Барселона. Мојата цел е скогаш да научам нешто ново и сигурен сум дека сум на вистинското место за да го направам тоа.“

Покрај Андерсон, Барселона ја претстави својата визија за иднината и новиот ракометен талент на Франција. Оваа сезона Лазаров како свој соиграч на десната бековска позиција ќе го има младиот француски бек Дика Мем. 19-Годишниот бек пристигнува од составот на Трембле за кој постигна 93 погодоци во националната лига. Важи за новиот бисер на француската ракометна школа и ќе биде шестиот Французин кој настапил во историјата на Барселона, а второ засилување со француски пасош за оваа сезона откако Тимоти Н’ Гесан се договори со управата на шпанскиот првак кон крајот на минатата сезона.

На официјалното претставување Мем истакна дека е горд што ќе биде дел од голем тим како Барселона.