Барселона задржа уште еден свој талент

Екипата на Барселона не се откажува од своите талентирани ракометари. Тимот од Каталонија официјално ја продолжи соработката со десното крило, Алеиш Гомез. Со новиот договор ракометарот кој има 21 година ќе остане во редовите на шампионот на Шпанија најмалку до 2023 година.

Веднаш после продолжувањето на соработката тој се огласи и за официјалниот сајт на Барселона.

„Многу сум среќен што ја продолжувам мојата кариера во екипата на Барселона. Сонував да играм во овој тим уште долги години. Ова е најдобриот клуб во светот“, изјави Алеиш Гомез.

Тој се наоѓа во првиот тим на Чави Пасквал од 2017 година, а пред тоа беше талент во нивната младинска школа. Неговиот талент беше виден и од репрезентацијата на Шпанија за која на 17 настапи погоди 48 гола.