Барселона го освои Загреб: Kаталонците пред промоција на фајнл-фор!

Во првиот четвртфинален натпревар од ЕХФ Лигата на шампионите во машка конкуренција, Барселона покажа дека е поквалитетен ривал од Загреб совладувајки го на негов терен со 23-25 (10-14). Освен во почетните дванаесет минути кога Загреб го имаше последното водство, каталонците ги преземаа работите во свои раце имајки комплетна контрола на резултатот. Загреб се закани во последните пет минути од натпреварот кога успеа да стигне на само гол негатива и имаше шанса за израмнување, но Шариќ го одбрани ударот на Обрановиќ а Виктор Томас во наредниот напад ги постав конечните 23-25.

ЗАГРЕБ АРЕНА

ППД ЗАГРЕБ-БАРСЕЛОНА 23-25 (10-14)

Натпреварот го отворија интервенциите на двата голмани пред Јосип Валчиќ во четвртата минута да го постигне првиот погодок на натпреварот за водство на Загреб од 1-0. На спротивната страна одговори Виктор Томас за 1-1, а Сораиндо го донесе првото водство на Барселона од 1-2. Загреб се до дванаесетата минута успеваше да им парира на каталонците кога со вториот гол на Степанчиќ поведе со 5-4. Меѓутоа од тој момент Барселона заигра поангажирано во одбраната, Загреб тешко доаѓаше до голот на одличниот Шариќ што беше причина за серија од 5-0 со која Барселона стигна до позитива од четири погодоци (5-9) во 19.минута. Карабатиќ со четири гола (од пет обида) и Сигурдсон кој имаше стопроцентен учинок (пет од пет) беа нерешлива енигма за одбраната на Загреб, а токму Сигурдсон со својот петти гол ги донесе највисоките +5 (8-13) за Барселона на две минути до крајот на првиот дел. Нововлезениот Вуглач со удар од 9 метри погоди за 9-13, а незапирливиот Карабатиќ повторно ја врати највисоката позитива за каталонците 9-14. Точка на првиот дел со својот трет погодок стави Степанчиќ за конечни 10-14 по триесет минути игра.

Luka
Лука Степанчиќ (најдобриот поединец на натпреварот со девет погодоци)

Во второто полувреме Лука Степанчиќ беше единствениот ракометар кој се обидуваше да го врати Загреб во игра. Барселона цели 24 минути од вториот дел рутински ја одржуваше позитивата од полувремето кога Томас со својот четврти погодок зголеми на 20-24 во 54.минута. Сепак во последните шест минути Загреб успеа да собере сили и со головите на Хорват, Мандалиниќ и Брозовиќ стигна на само гол негатива (23-24) на две минути до крајот на натпреварот. Загрепчани имаа и шанса да го израмнат резултатот но Шариќ со својата 13-та интервенција го скроти обидот на Обрановиќ по што пропаднаа сите надежи на Загреб да остане непоразен на овој натпревар. Томас со својот петти погодок ги реши дилемите за тоа кој ќе ја однесе победата на овој натпревар и ги постави конечните 23-25.

Најпрецизен во редовите на Барселона беше Карабатиќ со шест, а Лазаров и Томас постигнаа пет. Во екипата на Загреб фантастична партија имаше Лука Степанчиќ кој девет пати го пронајде патот до мрежата на Барселона.

По оваа победа каталонците се на чекор до пласман на фајнл-фор турнирот во Келн, кој се очекува да го потврдат на реваншот во Барселона кој е на програмата наредната недела.

Photo: lazarovkiril7.com/ Ehf