Барселона го врати долгот од полуфиналето во ЛШ: Вардар само за бронзата на Супер Глоуб

Во првото полуфинале на Супер Глоуб турнирот во Катар, македонскиот шампион Вардар беше поразен од Барселона со 29-32. Шпанскиот гигант го врати долгот по поразот во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Лошиот почеток и бројните промашувања од чисти позиции го одредија победникот на овој натпревар. Иако Штербик беше на висина на задачата, Барселона по првите 12 минути имаше предност од 2-5. Вардар продолжи со технички грешки и промашени зицери, а на спротивната страна одбраната немаше решение за расположениот Раул Ентрериос кој во 22та минута им донесе на каталонците висока предност од 3-10.

Во последниот период од првиот дел, ракометарите на Барселона влегоа во серија грешки, а одличната одбрана на Вардар под палка на Страхиња Милиќ кој во финишот го замени Штербик го врати европскиот шампион на само три гола негатива (11-14). Во последната минута од полувремето Лене постигна погодок за Барселона, а по тајм-аутот на Гонзалес, по одлична акција Циндриќ беше побрз од звукот на сирената за конечни 12-15.

Чупиќ од пенал го отвори вториот дел, но веднаш следуваше гол на Сипжак и грешка во нападот на Вардар, по што Ривера ги врати високите четири голови разлика за Барселона. Водството на каталонците остана непроменето и по 38 минути игра, кога Вардар го фати своето темпо. Дибиров и Циндриќ ја намалија разликата на -2. Сорендо го прекина налетот на Вардар, а Барселона се обиде да воспостави контрола во средината на вториот дел по што се врати на три голови разлика(21-24). Но Вардар повторно возврати и со головите на Мораеш, Борозан и Циндриќ го израмни натпреварот на 24-24. Неизвесноста продолжи и во финишот на натпреварот, до 55 кога со низа од три голови Барселона го зададе последниот удар на Вардар, за 28-31 на две минути до крај. Карачиќ го намали водството на Барселона на 29-31, а во последната минута Вардар со пресинг се обиде да се врати во игра. Сепак искусните ракометари на Барселона знаеа да го зачуваат водството и со победа од 29-32 се пласираа во финалето на Супер Глоуб.

Најпрецизен во составот на Вардар беше Лука Циндриќ со 7 голови, еден помалку постигна Борозан, а ги следеше Чупиќ со 5 погодоци. Иако голманите на Вардар имаа солидно издание на овој натпревар, Вардар не успеа да дојде до финалето на Супер Глоуб поради промашените зицери во првиот дел и лошата реализација на Криштопанс кој не успеа ниту еднаш да го совлада Перез Де Варгас.