Барселона во победнички ритам, Лазаров во одлична форма

Екипата на Барселона на домашен терен славеше победа против унгарски Веспрем 26-23 (16-11)  во рамките на петтото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Со овој триумф Каталонците се зацврстија на првото место во групата А со максимални десет поени.

Екипата на Барселона со погодоците на Кире Лазаров и Жалуз го отвори натпреварот и имаше почетно водство од (3-1), но гостите брзо дојдоа до израмнување (5-5) на средината на првиот дел. Домашните ракометари врзаа три погодоци во низа за (8-5), Нилсон беше прецизен за намалување (8-6), но следуваше серија од 4-1 за домаќините и зголемување на предноста која на три минути пред крајот изнесуваше највисоки плус шест (15-9). До крајот на првиот дел Нилсон и Родригез стрелаа прецизно во мрежата на Барселона, а Кире Лазаров го постигна својот четврти погодок до тогаш за (16-11) на крајот на првото полувреме.

Габор Анчин го отвори вториот дел (16-12), но домаќините возвратија со серија од 3-0 за  највисоки (19-12).  Ракометарите на Веспрем ги консолидираа своите редови и успеаа да ја намалат негативата и на 15 минути пред крајот да стигнат до минус 2 (22-20). Барселона не попушташе пред налетот на гостите и ја задржа предноста за конечни (26-23).

Најефикасен во составот на Барселона беше Ваел Жалуз со 7 погодоци, а Кирил Лазаров и Виктор Томас постигнаа по 6. Веспрем го предводеа Драган Гајиќ со 5 погодоци и Андреас Нилсон со 4.