Барем две од седумте екипи со максимум бодови во ЛШ викендов го напуштаат друштвото

После првите две кола во Лигата на шампионите во четирите групи имаше седум екипи коишто успеаја да се изборат за по две победи. Вардар е единствениот тим којшто успеа да го направи тоа во групата А, додека во другите три групи има по два тима.

Сепак, после овој викенд ќе дојде до поместување на бројките бидејќи барем две екипи нема да можат да бидат повеќе на списокот на тимови со максимален број на бодови од првите три кола.

Вардар утре од 17 часот го пречекува Загреб и само огромно изненадување може да го остави без трет триумф во серија во Лигата на шампионите сезонава и подобрување на рекордот од седум победи по ред во најсилното клупско натпреварување на стариот континент.

Веспрем денеска гостува кај Брест Мешков, а секое гостување на теренот на овој тим носи неизвесност и никој не може да се пофали дека успеал да се наигра кај тимот од Белорусија.

ПСЖ исто така денеска ќе има голем предизвик против тимот на Флензбург. Исто така гостува, а тоа значи дека ќе треба да се вложат големи напори за да се избори нова победа.

Ако успеат Веспрем и ПСЖ да победат тогаш Вардар утре ќе треба да го заокружи списокот на непобедливите односно на тимовите кои освоиле максимум бодови после првите три кола.

Затоа, пак, во групите Ц и Д ќе има нова ситуација. Има дерби дуели на тимовите со две победи од два меча. Скјерн ќе гостува кај Горење, додека Монпеље е домаќин на Мотор Запорожје. Барем две од овие екипи после овие дуели веќе нема да бидат на списокот на кој се наоѓаат пред средбите од 3. коло.