Барбара Лазовиќ: Немаме право на лош ден

На женската ракометна екипа на Вардар на патот до третиот пласман меѓу четирите најдобри екипи од  Лигата на шампионите  му стои норвешки Ларвик. На денешната прес-конференција во пресрет на првиот натпревар со норвешкиот шампион, тренерот на Вардар, Индира Кастратовиќ најави дека со концентарција, добра одбрана и помош од публиката ќе атакуваат на добар резултат во Скопје.

Индира Кастратовиќ: „  Публиката ќе биде клучот на нашиот успех и добар резултат тука. Би сакала да ја завршиме сезоната со полна сала. Го познаваме добро Ларвик сме се среќаваме со нив во Лигата на шампионите. Тоа е екипа која не ја интересира дали играат дома или на гости ,мислам дека на гости играат подобро.Се спремаме за Нора Морк, анализираме и имаме посебна тактика за неа. Немаат трпение во напад, а мислам дека нашата добра одбрана ќе ни донесе позитивен резултат. “

Десниот бек на нашиот шампион, Барбара Лазовиќ е свесна за важноста на овој меч и се надева на добар резултат во сабота за мирен реванш во Норвешка.

Барбарa Лазовиќ: „ Во сабота е најважниот натпревар оваа сезона. Немаме право на лош ден. Имавме доволно време да се спремиме и свесни сме за квалитетот на Ларвик. Мора да покажеме добра игра со помош на публика и домашниот терен за да ни биде полесно во Норвешка.“

Гордана Нацева: „ Пред нас е двомечот од четврт-финалето. Имаме доверба во ракометарките и како спортисти и како личности. Очекуваме дека кога е најтешко ќе одиграат најдобро. Тимот на Вардар е создаден за вакви големи натпревари. Поддршката од публиката ни е најважна бидејќи ова е последен натпревар на домашен терен.

Натпреварот се игра в сабота во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.