Бабиќ: Големо задоволство е да се игра против екипа каква што е Вардар, секогаш ќе научиш нешто ново

Со победа од 32-19 Вардар ја отвори СЕХА сезоната на домашен терен. Убедлива победа против словенечкиот вицепрвак Горење Велење за добар старт на сезоната.  За разлика од „црвено-црните“ Горење немаше добро искуство на почетокот, а по горчливиот пораз од нивниот најголем ривал Целје, во Скопје немаа што да бараат. Горење има сериозни проблеми во играта, а тоа го потврди и хрватскиот стратег на клупата на словенечкиот тим Жељко Бабиќ.

Жељко Бабиќ, тренер на РК Горење Велење:

Одигравме тежок натпревар, загубивме но и покрај тоа секогаш е големо задоволство да играм против екипа каква што е Вардар и тренер како Раул затоа што секогаш може да се научи  нешто ново. Игравме добар ракомет до 16. минута, понатаму се беше тешко за гледање и нашата игра делуваше прилично неорганизирано особено во вториот дел. Се гледа дека сме под притисок и играчите тешко функционираат така, особено во напад. Ова е втор натпревар, а нашите проблеми се исти, затоа не боли толку поразот на Вардар, туку начинот на кој губиме, не можеме да се справиме со притисокот и реализацијата на тактичките замисли. Им честитам на Вардар, тие се првакот на Европа, а тоа многу кажува, им посакувам да ја повторат минатата сезона.

По првите две кола во СЕХА лигата, Горење е без бодови, а голема шанса за прва победа ќе има во третото коло кога на домашен терен го пречекува Динамо Панчево. Вардар својот трет натпревар ќе го одигра против Мешков Брест во Скопје.