Анѓелковиќ броеше до 15, Рудар не беше закана за Риниа

Ракометарите на Риниа врзаа две победи по ред во Првата Лига, откако по сефте триумфот минатото коло во Делчево, сега избраниците на Љуљзим Исмаили победија и на домашен терен против Рудар од Пробиштип со убедливи 49:22.

Нерешено беше само на стартот, 1:1, потоа се беше во знакот на домаќините, кои до паузата обезбедија плус 18, 28:10, а во вториот дел од контри го полнеа гостинскиот гол, за конечни 49:22 и цели 27 голови разлика.

Стандардно во домашниот Филип Анѓелковиќ беше најдобриот стрелец со 15 голови, од кои 4 од пенал, 7 даде Јовески, Салиу постигна 6, додека Шулевски и Стојчевски по 5 пати се запишаа во листата на стрелците. Кај Рудар се истакнаа Спасовски со 6 и Ампов со 5 голови.